Шпиони на Балканот: „Државите и царствата доаѓаат и си одат, ама шпионажата останува“

Tags:
By декември 16, 2019 март 25th, 2020 Other, Retrieved

Се е променето од времето кога Југословенот Душко Попов, двоен агент, љубител на брзи автомобили и убави жени, оперирал низ Европа и го инспирирал Иан Флеминг да го осмисли Џејмс Бонд – освен самата шпионажа.

Методите и техниките напредувале, но агентите низ светот се уште се активни во странски држави и даваат се од себе за да не бидат откриени.

Сепак, никој не е како легендарниот агент 007, а малку се и како Попов.

Се почесто на мета на истражните органи ширум Европа, па и на Балканот, се лица кои се сомничат дека „работат за Москва“.

„Тоа било и ќе биде. Државите и царствата доаѓаат и си одат, ама шпионажата останува“, оценува новинарот на „Време“ Милош Васиќ за Би-би-си на српски.

 

Што се случи сега?

На крајот од октомври, Министерството за надворешни работи на Бугарија побарало од рускиот амбасадор во Софија да отповика дипломат кој бил обвинет за шпионажа и да го депортира во Русија.

Ден претходно, на 28 октомври, Полската безбедносна агенција соопшти дека е уапсен службеник во Министерството за одбрана поради сомневање дека шпионирал за Русија.

Бугарија, која беше најблизок сојузник на Москва за време на Студената војна, во последните 15 години стана членка на ЕУ и НАТО, но се уште скоро во целост е зависна од руските енергенси, пренесува Ројтерс.

На барањето од Министерството за надворешни работи му претходеше соопштение на бугарското обвинителство кое ја водеше истрагата за дипломатот, кој е прв секретар во амбасадата на Русија во Софија.

Од септември 2018, овој дипломат одржувал редовни состаноци со Бугарите, вклучувајќи и висок службеник кој имал пристап до доверливи податоци за Бугарија, ЕУ и НАТО, а според обвинителството дипломатот нудел награда во замена за информации.

Сличен случај се случил месец и пол порано, кога бугарски обвинител го обвинил Николај Малинов, прв човек на проруска невладина организација, дека работел за интересите на Москва.

Руските претставници не ги коментирале овие случаи.

Сепак, како што пренесува агенцијата Блумберг, на почетокот на ноември Малинов во Москва примил награда од рускиот претседател Владимир Путин лично, за „придонес во соработката помеѓу двете земји“,

Мека шпионажа

„Меката шпионажа“ станува се поважен сегмент во руските разузнавачки активности, истакнува Гжегорж Кузински, експерт на полската невладина организација Варшавски институт за Би-би-си.

„Оваа стратегија не вклучува прикриени дипломати, кои обично се под будното око на локалните контраразузнавачи, туку подразбира ангажирање на влијателни агенти, кои некогаш своеволно, некогаш поради тоа што се манипулирани, а некогаш и несвесно, работат за интересите на други држави“, објаснува Кузински.

Кузински, кој е автор на публикацијата „Руската хибридна војна на Западниот Балкан“, наведува дека Русија го шири своето влијание во странство на тој начин што ги користи русофилските кругови, како и преку започнување на бизниси и медиумски проекти.

„Руските олигарси блиски до Кремљ често ги финансираат ваквите потези“, истакнува тој.

На тој начин, Москва обезбедува поголем степен на безбедност, зашто на локалните власти им е потешко да ги откријат ваквите активности.

„Полесно е да се осуди класичен шпион за конкретно кривично дело, отколку да се докажат малициозни постапки на новинар или активист во граѓанскиот сектор“, истакнува Кузински.

 

Зошто им е важен Балканот?

 

Кузински оценува дека руските агенти ги интензивирале активностите на Балканот по 2014 година.

„Денес Балканот е првото и основно бојно поле помеѓу Русија и Западот“, истакнува.

Тој потсетува дека САД постигнале успех во Црна Гора, кога тамошните власти неодамна наредија протерување и апсење на група руски шпиони.

„Москва станува се посилна во Софија, зашто ниту националистичката и социјалистичката опозиција во земјата, ниту владејачката партија ГЕРБ не ги кријат своите проруски симпатии“, додава полскиот аналитичар.

Турција и Кина влегуваат во регионот претежно преку економски инвестиции.

„Во одмерувањето на силите, се чини дека Пекинг и Анкара играат за истиот тим со Русија“, оценува тој.

Кузински смета дека скорешното одбивање на ЕУ да ги отвори преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија ги направи САД единствениот ефикасен западен актер во регионот.

„Ако Западот не сака да го изгуби овој дел – кого уште Винстон Черчил го сметал за клучен од стратешка гледна точка кога сојузниците разговарале за местото на инвазија – мора цврсто да се спротивстави на руското, како и на кинеското и турското влијание“, напоменува тој.

Каде се бастионите на руските агенти на Балканот?

Овој аналитичар истакнува дека Србија и Република Српска се сметаат за витални мети на Балканот за руските разузнавачки операции.

„Во Белград е лоцирано неформалното седиште на руската цивилна разузнавачка агенција, која стои позади разузнавачките операции во соседните земји“.

Тој смета дека на Москва и одговара премолченото одобрување од српските власти и проруското расположение на дел од локалните власти.

„Се разбира, настојувајќи да ја одржи таквата состојба, Русија дополнително ги поттикнува анти-западните ставови во Белград, темелејќи го својот наратив на распадот на Југославија, воздушните напади на Србија во 1999 година, губењето на Косово и отцепувањето на Црна Гора“, наведува Кузински.

Тој напоменува дека друга клучна земја на Балканот за Русија е Бугарија.

„Она што е уште поважно е тоа што Бугарија е членка на НАТО и ЕУ. Таму е сместено седиштето на Руската воена разузнавачка агенција“, тврди Кузински, додавајќи дека оттаму се координираат активностите на Москва во регионот.

Не беше можно да се проверат овие наводи од други извори.

Што работат овде?

Новинарот на „Време“, Милош Васиќ, истакнува дека „Русија под водство на Путин ја обновува својата империјална величина, а шпионажата е целосно неразделна од тој процес.“

Како примери, Васиќ ги наведува обидите за влијание врз разни внатрешни политики, собирање, но уште повеќе пласирање информации.

„Како што би рекол Матија Беќковиќ, во списокот на тажни работи спаѓаат и државните тајни на малите народи“, вели тој.

Васиќ иронично порачува дека странските агенти на големите сили немаат многу што да дознаат во држави како што се балканските.

„Не знам што ќе шпионираат, ним им е многу поважно да влијаат“.

„Тоа влијание можеше да се види во Македонија, како и во Црна Гора, во таа гломазна и мускулеста операција наречена ‘Државен удар’“, истакнува Васиќ.

Државен удар со 13 лица

Минатата пролет во Подгорица заврши т.н. „судење на векот“ за аферата „Државен удар“.

Тринаесет лица беа осудени на повеќегодишни казни затвор за „обид за рушење на црногорската власт преку државен удар на денот на парламентарните избори 16 октомври, 2016 година“.

На повеќегодишни казни затвор беа осудени лидерите на црногорската опозиција Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, уште еден црногорски државјанин, осум Срби, како и двајца Руси – припадници на разузнавачката служба ГРУ.

Рускиот државјанин Едуард Шишмаков беше осуден на 15, а Владимир Попов на 12 години затвор за помагање и формирање на криминална организација.

Колку што е познато, Шишмаков и Попов не се во црногорски затвор, зашто Балканот го напуштиле десетина дена по изборите во 2016.

Во тоа време, во посета на Белград се наоѓал рускиот секретар на Советот за безбедност, Николај Патрушев.

Британски Гардијан набрзо објави дека Белград тивко протерал група руски државјани осомничени дека биле вмешани во обидот за пуч во Црна Гора, цитирајќи неименувани извори дека после тоа следело извинување од Патрушев поради „руските националисти кои имале намера да го убијат црногорскиот премиер“.

„Се работи за класична провокација со цел свесно да се шират лажни информации“, реагираше Марија Захарова, портпарол на руското Министерство за надворешни работи.

 

Москва, Собрание, Лазански

Само неколку месеци подоцна, во април 2017, демонстранти упаднаа во зградата на македонското Собрание, противејќи се на изборот на Талат Џафери од ДУИ за претседател на Собранието.

Дојде до судири во кои беа повредени неколку членови на СДСМ, меѓу кои и Зоран Заев.

„Веќе се чувствува руското влијание преку зголеменото кадровско присуство и изјавите на рускиот министер за надворешни работи, како и преку активностите на Амбасадата на Русија во државата“, изјави тогаш Заев во интервју за Еуроњуз.

Откако стана премиер, Заев ја насочи Северна Македонија кон европските и евроатлантските интеграции, а заслужен е и за постигнување на договорот за името со Грција, која скоро 30 години го блокираше Скопје на патот кон Брисел.

Во упадот во Собранието учествувал и бившиот советник за безбедност во Амбасадата на Србија во Скопје и офицер на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Горан Живаљевиќ.

Живаљевиќ е долгогодишен разузнавач, кој во периодот јануари 2003 – март 2004 бил заменик директор на БИА. Од 2005 е во дипломатска служба.

Како што пренесува Крик, тој со селфи го овековечил своето присуство во македонското Собрание.

Повикувајќи се на документи од македонските разузнавачи, Крик објави дека во Собранието тогаш се наоѓал и претседателот на Демократската партија на Србите, Иван Стоиљковиќ, кој наводно имал чести средби со руски дипломати, како и пратеникот на СНС и новинар, Мирослав Лазански.

Лазански сега е амбасадор на Србија во Москва.

Дипломати кои се склони кон разузнавање не се ретки на овие простори.

Раде Булатовиќ станал шеф на БИА во 2004 по долгогодишно искуство во дипломатијата.

На тоа занимање се вратил брзо после смената во БИА во 2008, и до скоро бил амбасадор на Србија во Украина.

Небојша Родиќ, прв човек на БИА во периодот од 2012 до 2013 година, исто така го служи вториот амбасадорски мандат.

Од амбасадор во Азербејџан, во 2018 е преместен за амбасадор во Виена.

Кои се дипломати, а кои шпиони?

Ентони Глис, директор на Центарот за безбедносни и разузнавачки студии при Универзитетот во Бакингем ја објаснува испреплетеноста на дипломатијата и разузнавањето.

„Во секоја амбасада во светот има шпиони“, изјавил Глис за Би-би-си, кога тогашниот британски премиер Тереза Меј ги нарече 25-те протерани руски дипломати „прикриени шпиони“.

„Бидејќи сите држави го прават тоа, постои непишано правило да не се испитува премногу тоа што се случува во амбасадите“, објаснува Глис.

Сепак, тој премолчен договор има граници и престанува да важи во моментот кога доаѓа до очигледно кршење на законот.

„Затоа труењето на бившиот шпион Сергеј Скрипаљ и неговата ќерка беше толкав проблем“, вели професорот Глис.

Васиќ вели дека „искусните држави многу се трудат обичните дипломати да не бидат во контакт со разузнавачите“.

„Помеѓу нив најверојатно се знае кој е кој, но тие не зборуваат за тоа“, истакнува новинарот на „Време“.

Сличен став има и Глис, кој вели дека „со шпионажа всушност се бават агенти кои тоа го прават за пари, затоа што се уценети или поради идеолошки причини“.

„Разузнавачите во амбасадите им се претпоставени на тие агенти, така што не мораат тие сами да ги валкаат рацете“, вели професорот.

Шпионот Чедо

На 2 септември 2016, агенти на БИА во Белград уапсија 57 годишен маж, под сомневање дека се работи за „хрватски шпион“, кој имал српско и хрватско државјанство.

Следниот ден, тогашниот хрватски премиер, Тихомир Орешковиќ, изјави дека според информациите на тамошната Безбедносно-разузнавачка агенција (СОА) тоа лице не е хрватски шпион.

Експедитивната акција за апсење беше следена од многу брзо судење – четири дена подоцна, Вишиот суд во Белград соопшти дека уапсениот Чедо Чоловиќ признал дека работел за хрватската разузнавачка служба.

Тој беше осуден на три години затвор, а казната неодамна му истече.

Што се случува со протераните руски агенти?

„Ништо. Ќе добијат укор од класниот раководител доколку нешто оплескале и биле фатени поради нивна вина“, сатирично порачува Васиќ.

„Ја продолжуваат кариерата, но не во странство, зашто се откриени.

Веројатно ќе останат во Министерството за надворешни работи – централата на надворешната разузнавачка служба, но на некаква канцелариска работа“, заклучува тој.

Одеци од аферата Скрипаљ

По минатогодишниот напад на бившиот руски агент Сергеј Скрипаљ во Солзбери, за кој Велика Британија ја обвинува Москва, до март оваа година повеќе од 25 држави протерале руски дипломати.

На другата страна, рускиот претседател Владимир Путин тврди дека само во текот на 2018 во Русија биле откриени повеќе од 600 странски шпиони.

„Не сме го достигнале нивото од Студената војна, кога биле протерувани десетици шпиони, но не би ме изненадило да дојде и до тоа“, истакнува Васиќ.

 

Ова е архива на старата F2N2. Новата верзија е достапна на: f2n2.mk

Share via
Copy link
Powered by Social Snap