АНТИВАКСЕРИ КОИ ШТО ЈА ЗАГУБИЈА БИТКАТА СО КОРОНАВИРУСОТ

Од самиот почеток на пандемијата со коронавирусот се појавија најразлични теории на заговор  како на пример дека вирусот воопшто не постои, дека е поврзан со 5Г технологијата, дека маските не претставуваат никаква заштита, дека вакцините всушност се механизам преку кој на луѓето им се вбризгува чип за нивно понатамошно “следење”, како и ред други непоткрепени со докази теории на заговор. Ваквите теории на заговор се присутни низ целиот свет и, за жал, поради истите коронавирусот го зема својот “данок”.

Помеѓу повеќето антиваксери кои што го загубија животот поради коронавирусот се најде американскиот радиоводител Дик Фарел (65). Фарел бил голем противник на носењето на маски, а истовремено бил еден од најгласните критичари на главниот експерт на управата за инфективни болести на САД, Др. Ентони Фаучи, за кого има изјавено дека е „луд лажго, жеден за власт“. Откако Фарел бил хоспитализиран во болница поради влошување на здравствената состојба, тој радикално го променил своето мислење за коронавирусот, до тој степен што започнал да им препорачува и да ги убедува своите блиски пријатели вирусот да го сфатат сериозно и воедно да се вакцинираат. Една од неговите пријателки, Ејми Фаралдеу, во пост на социјалната мрежа Фејсбук објави порака која Фарел и ја испратил кратко пред тој да почине, а која гласела “Вакцинирај се, вирусот не е шега. Посакувам и јас да бев вакциниран” и истата претставувала причина поради која неговата пријателка решила да се вакцинира.

Уште еден американски радиоводител се најде на листата на антиваксери кои што починале поради коронавирусот. Станува збор за Фил Валентин (61) кој што во декември 2020 година има изјавено дека шансите да се зарази од корона се прилично мали, а дека дури и да се зарази шансите да почине поради вирусот се помали од 1%. Тој на својот Фејсбук профил на 12 јули има објавено пост во кој што пишува дека ќе успее да се излечи, но неколку дена подоцна роднините на Валентин изјавиле дека тој е многу болен и дека сака слушателите на неговата радио емисија да се вакцинираат против Ковид-19.

Третиот во низата познати антиваксери, а воедно и радиоводители во САД кои починаа поради коронавирусот е Марк Берниер (65). Тој исто како и Фарел и Валентин бил голем противник на вакцините, а американската влада поради нејзината заложба населението да се вакцинира ја има наречено “Нацистичка влада”.

Членот на градскиот совет на градот Дикинсон и на Извршниот комитет на Републиканската партија, Скот Епли (45), кој исто како и Фарел бил поддржувач на антиваксерската кампања и голем противник на носењето маска, починал само три дена откако му било соопштено дека неговиот тест е позитивен на коронавирусот. Неговиот фејсбук профил изобилува со постови во кои тој имплицира дека вакцините не се ефикасни или дека жали што не може да присуствува на забава на кој што ќе се палат маски.

Калеб Волас (30) кој бил самопрогласен “бранител на слободата“ и основач на група која организирала протести против носење на заштитни маски и воопшто против мерките бидејќи ги сметал за форма на тиранија, починал откако се заразил со вирусот. Калеб пред да го убедат да побара помош во болница пробувал да се излечи со аспирин, витамин Ц и ивермектин (лек кој им се дава на коњи и говеда). Тој бил татко на 3 малолетни деца.

Американскиот музичар и скептик кога е во прашање короната, Маркус Биркс (40), исто така неодамна почина поради вирусот. Тој не бил вакциниран со некоја од вакцините против коронавирусот, а откако бил хоспитализиран започнал да ги повикува луѓето да се вакцинираат  и дека и тој ќе го стерел истото во првата прилика штом ќе ја напишти болницата.

Од наведените трагични примери може да се заклучи дека вирусот навистина постои и дека сите оние теории на заговор поврзани со коронавирусот не ги спасуваат луѓето од вирусот, напротив, претставуваат причина поради која луѓето верувајќи во нив, го губат својот живот.
 
Заштитете се себе и оние околу Вас – вакцинирајте се!

Ова е архива на старата F2N2. Новата верзија е достапна на: f2n2.mk

Share via
Copy link
Powered by Social Snap