БЕЗБЕДНОСТА НА ВАКЦИНИТЕ ПРОТИВ КОВИД-19 СЕ ОЦЕНУВА ОД НАДЛЕЖНИ РЕГУЛАТОРНИ ТЕЛА

Дезинформација бр:

#209

Дата:

07.12.2020

Извор:

freeglobe.mk

Време на читање:

4 мин.

ОПИС НА ДЕЗИНФОРМАЦИЈА

Оригинален наслов: Роберт Ф. Кенеди, Јуниор: Вакцината против Ковид треба да се избегнува по секоја цена

Познат антиваксер и теоретичар на заговор шири неточни информации за вакцините против КОВИД-19.

На 7-ми декември порталот Слободен свет објави текст со наслов Роберт Ф. Кенеди Јуниор: Вакцината против Ковид треба да се избегнува по секоја цена. Содржината претставува наводна итна порака од Роберт Ф. Кенеди Јуниор – син на јавниот обвинител на САД кој својата функција ја извршувал за време на претседателствувањето на неговиот брат, претседателот Кенеди.

Пораката е дека вакцината против КОВИД-19 треба да се избегнува по секоја цена. Според Кенеди, овие нови вакцини претставувале злосторство против човештвото бидејќи непроверените иРНК (mRNA) вакцини од најновата генерација интервенирале директно во генетскиот материјал на пациентот и го менувале неговиот индивидуален генетски материјал. И наводно потоа последиците од вакцината повеќе немало да можат да се лекуваат едноставно со отстранување на токсините од човечкото тело, исто како кај лицата со генетски дефект како Даунов синдром, Клинефелтер синдром, Тарнеров синдром, запирање на генетско срцево заболување, хемофилија, цистична фиброза, Ретов синдром и сл.,  бидејќи генетскиот дефект бил вечен.

РАЗОБЛИЧУВАЊЕ НА ДЕЗИНФОРМАЦИЈА

Порталот објавува текст без да ја провери веродостојноста на содржината на наводната порака на Кенеди. Имено, тврдењето на Роберт Ф. Кенеди Јуниор кое го пренесува порталот е неточно. Ова негово тврдење е вирално уште од месец септември кога и било разобличено, односно оценето како неточно од страна на аргентинскиот проверувач на факти chequeado.com.

Не е точно дека вакцините предизвикуваат проблеми во човековата ДНК . Марк Линас, визитинг-истражувач во групата Сојуз за наука при Универзитетот Корнел во САД,  за Ројтерс објасни дека ниту една вакцина не може генетски да ја модифицира човековата ДНК.

Тоа не е ништо повеќе од мит, честопати намерно пропагиран од активисти против вакцинација за да се создаде конфузија и недоверба, вели Линас. Тој додал дека „генетската модификација би вклучувала намерно вметнување на туѓа ДНК во јадрото на човечка клетка, а вакцините едноставно не го прават тоа. … Што се однесува до ДНК вакцините, ДНК не се интегрира во јадрото на клетката, што значи дека тоа не е генетска модификација.

И Светската здравствена организација објаснува дека овие типови вакцини се безбедни, a регулаторот во САД веќе потврди дека вакцината Фајзер/Бионтек (базирана на иРНК), е 95% ефикасна, што го отвора патот за нејзино одобрување за итна употреба.

За тоа како Кенеди станал „супер распространувач“ на измами за КОВИД-19, вакцини, 5Г и друго, има пишувано канадскиот Глоуб енд меил. Роберт Ф. Кенеди Јуниор некогаш бил признат екологист, но неговите ставови против вакцинацијата и теориите на заговор го направиле магнет за дезинформации за време на пандемијата. Некогаш сметан за херој поради неговата повеќедецениска работа како адвокат за животна средина, собрал огромна поддршка на социјалните мрежи и е еден од најголемите „супер распространувачи“ на дезинформации поврзани со медицината. Како и другите теоретичари на заговор, тој станал популарен за време на пандемијата преку прилагодување на неговите пораки против вакцините за да одговараат на кризата, лажно обвинувајќи го Бил Гејтс за безбедноста на телекомуникациските мрежи 5Г.

“Кенеди Јуниор е еден од главните противници на вакцините “, вели Тим Колфилд, професор по здравствено право и научна политика на Универзитетот во Алберта. „Тој има извесен кредибилитет поради своето име и работата на полето на екологијата па затоа е поверојатно е да биде сметан за веродостоен извор.

Искористувајќи ја вознемиреноста и социјалните немири предизвикани од вирусот, антиваксерите се повеќе го фокусираат своето внимание на КОВИД-19. Посебно сега, во периодот на одобрување и започнување со вакцинација против КОВИД-19, дезинформациите од ваков вид може само да наштетат и да го отежнат процесот на справување со пандемијата. Јавноста треба да знае дека  пред да бидат одобрени за употреба, вакцините подлежат на контрола од регулаторните тела во однос на нивната безбедност и ефикасност.

Leave a Reply

Ова е архива на старата F2N2. Новата верзија е достапна на: f2n2.mk

Share via
Copy link
Powered by Social Snap