ОБИД ЗА ЕВТИНА ПОЛИТИЧКА МАНИПУЛАЦИЈА ПРЕКУ ЛОША ФОТОМОНТАЖА

Релативно непознат портал Njuz.info објави статија потпишана од извесен Дик Чејни чиј наслов гласи: (ФОТО)СРЕДБА САШО МИЈАЛКОВ И ЗОРАН ЗАЕВ ВО МЕРИОТ? Дали се потпишува нова изборна коалиција ???. Истиот текст беше пренесен и од страна на порталот Analitikum.mk. Во текстот се наведува дека наводно претседателот на СДСМ, Зоран Заев бил во извесен ресторан во центарот на Скопје во друштво со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Целиот текст е напишан во прашална форма. Се отвораат безброј теории на заговор: дали станувало збор за некакво помирување,  дали се правело изборен пазар за гласови, дали се потпишувала изборна коалиција и слично. Објавена е слика од автомобил марка Порше со струмички регистарски таблички, за која се тврди дека е во сопственост на Заев.

За сопственоста нема да полемизираме, но не може да остане незабележано неносењето на заштитна маска во ова време на корона, на ниту едно од лицата кои се фотографирани заедно со автомобилот. Овој факт само потврдува дека фотографијата не е направена во скоро време. Следната објавена фотографија претставува колаж од 3 фотографии на кои се гледа ресторан од центарот на Скопје, внатрешност од извесен кафич/ресторан во која е вметната и фотомонтажа од средба на Зоран Заев и Сашо Мијалков.

Не треба човек да има високи форензичарски познавања за да забележи дека ентериерот односно масата на која што седат две лица на големата слика се разликува од оној на фотомонтажата од фиктивната средба на која се покажува со стрелка. Други факти кои што укажуваат дека станува збор за лажна вест е тоа што лицата кои се присутни во локалот се релативно наоблечени за овие жешки денови, на ниту една од масите нема антибактериско средство кое што е задолжително во ова време на светска пандемија од коронавирусот. Внатрешноста од локалот на фотографијата се разликува од внатрешноста на локалот во кој се тврди дека се случила средбата. И за крај, ви ги прикажуваме оригиналната и фотошопираната фотографија, па проценете самите која средба вистински се случила.

Ова е архива на старата F2N2. Новата верзија е достапна на: f2n2.mk

Share via
Copy link
Powered by Social Snap