ТОП ПЕТ ПОСТОЈАНИ ДЕЗИНФОРМАЦИСКИ НАРАТИВИ НА РУСИЈА

Во период од повеќе години, Русија фабрикува збир на лажни наративи, кои нејзиниот екосистем за дезинформации и пропаганда ги инјектира во глобалниот информациски простор. Овие наративи служат како шаблон кој му овозможува на Кремљ да ги адаптира овие наративи, со една конзистентност – целосно занемарување на вистината при моделирањето на информацискиот простор, со цел да ги промовира своите политички цели.

Руските воени и разузнавачки ентитети се вклучени во оваа активност низ целиот екосистем за дезинформации и пропаганда на Русија, што вклучува штетни операции на социјалните мрежи, користење на јавни и прикриени прокси медиуми (медиуми кои ги застапуваат ставовите на Русија), инјектирање на дезинформации во телевизиските и радиските програми, одржување на конференции со цел да се влијае врз учесниците да поверуваат дека Украина, а не Русија, е виновна за зголемените тензии во регионот, и користење на сајбер-операции за наштетување на медиумите и за спроведување на операции на хакирање и објавување податоци.

Во продолжение следат пет главни постојани дезинформациски теми кои моментално Русија ги модифицира, со цел да го исполни информацискиот простор со лажни наративи за нејзините активности во Украина

 

Тема #1: „Русија е невина жртва“

Руските државни функционери лажно ја претставуваат Русија како вечна жртва, а нејзините агресивни акции како принуден одговор на наводните акции на САД и неговите демократски сојузници и партнери. Како продолжение на овие тврдења, Русија ја користи една од своите омилени етикети за да одговори, а тоа е „русофобија.“ Откако изврши инвазија врз Украина во 2014 година, руската влада и дезинформациските медиуми контролирани од државата започнаа да го обвинуваат секој оној кој ги доведуваше во прашање акциите на Русија дека е ксенофобичен русофоб.

На пример, Русија тврди дека негативната реакција на меѓународната заедница на нејзината инвазија врз независна земја е поради тоа што луѓето се плашеле и ја мразеле Русија. Според графиконот подолу, сè до инвазијата врз Украина, русофобијата не била прашање на загриженост на руското Министерство за надворешни работи или на дезинформациските медиуми контролирани од државата. Тврдењата за „русофобија“ се присутни во повеќе теми и се користат секогаш кога руската влада сака да се прикаже како жртва, а всушност е агресор.

Графикон кој ги прикажува спомнувањата на зборовите „русофобија“ и „русофоб“ од страна на руското Министерство за надворешни работи, Спутник и РТ (Russia Today), 2001-17 (извор: DFRLab)

 

Тема #2: Историски ревизионизам

Во случаи кога историјата не им одговара на политичките цели на Кремљ, руските државни функционери и нивните проксија ги негираат историските настани или ги извртуваат историските наративи во обид да ја претстават Русија во попозитивно светло и да и служат на нивната домашна и геополитичка агенда. На пример, пактот за ненапаѓање помеѓу СССР и нацистичка Германија од 1939 година, познат и како пактот Молотов-Рибентроп, кој придонесе за започнувањето на Втората светска војна, е политички незгоден за режимот на Путин. Во 2020 година, обидувајќи се да ја минимизира и рационализира одлуката на Сталин да направи сојуз со Хитлер, Путин објави извртена верзија за почетокот на Втората светска војна, занемарувајќи ја улогата на СССР и префрлувајќи ја одговорноста за војната на други држави. Русија често оди и чекор понатаму и ги етикетира како нацисти или симпатизери на нацизмот оние кои не се согласуваат со нејзината извртена верзија на историјата.

Кремљ ја применува оваа формула и за историјата на државноста на Украина, однесувањето на НАТО при распадот на СССР, нејзиниот гулаг затворски систем, гладот во Украина познат како Холодомор, и многу други настани во кои историските акции на Русија не се во согласност со нејзините моментални политички цели.

 

Тема #3: „Колапсот на западната цивилизација е неминовен“

Русија го промовира лажниот наратив дека западната цивилизација пропаѓа и застранила од „традиционалните вредности“, зашто работи на тоа да ја осигура безбедноста и еднаквоста на LGBTQI+ лицата и промовира концепти како еднаквост на жените и мултикултурализам. Колапсот на западната цивилизација е една најстарите дезинформациски теми на Русија – тврдења за „распаѓањето на Западот“ се документирани уште од 19-тиот век.

Овој дезинформациски наратив базиран на „вредности“ евоцира лошо-дефинирани концепти како „традиција,“ „семејни вредности,“ и „духовност.“ Русија тврди дека е бастион на т.н. „традиционални вредности“ и родови улоги и служи како морална контратежа на „декаденцијата“ на САД и западните држави. На пример, Путин тврди дека Западот практично ги укинал концептите на „мајка“ и „татко“ и ги заменил со „родител 1 и 2,“ додека пак министерот за надворешни работи Лавров напиша дека децата на Запад „учат дека Исус бил бисексуалец.“

 

Тема #4: „Општествените движења се ‘обоени револуции’ поддржани од САД“

На Кремљ му е тешко да прифати дека сите луѓе имаат право на слобода на изразување и дека владата треба да биде одговорна кон нејзините граѓани. Русија ја обвини САД дека или поттикнала протести или организирала „обоени револуции“ во Грузија, Казахстан, Киргистан, Молдавија и Украина, како и низ Средниот Исток и Африка. Ако некое општествено движење е продемократско и прореформско, а не е во согласност со руските геополитички интереси, често се случува Кремљ да го доведе во прашање неговиот легитимитет и да тврди дека САД стојат тајно позади него. Овие неосновани обвинувања често се упатени кон локални и меѓународни невладини организации, како и кон независни медиуми кои ги разоткриваат прекршувањата на човековите права и корупцијата. Русија сака да прикаже дека луѓето во соседните држави немаат капацитет, достоинство и независни аспирации да се заземат за себеси, исто како што ги негира овие карактеристики и кај рускиот народ.

 

Тема #5: Реалност е она што Кремљ сака да биде

Во случаи кога вистината не му оди во прилог на неговите интереси, Кремљ често се обидува да креира повеќе лажни реалности и да внесува забуна во информацискиот простор. Често намерно збунувачки, руските функционери даваат аргументи кои се креирани за да ја свртат вината од Русија, дури и ако некои од наративите си противречат меѓу себе. Сепак, со тек на време, презентирањето на повеќе контрадикторни наративи може самото по себе да стане техника за креирање забуна и за обесхрабрување на реакцијата. Другите елементи од екосистемот за дезинформации и пропаганда на Русија – како што се злоупотребата на дезинформациските медиуми финансирани од државата и користењето на социјалните медиуми како оружје – придонесуваат во промовирањето на повеќе лажни наративи.

На пример, на светот му беше јасно дека на 4 март 2018 година, во Солзбери, Англија, Русија се обиде да ги отруе нејзиниот поранешен воен разузнавач, Сергеј Скрипал, и неговата ќерка Јулија, со нервниот отров новичок. Според Институтот за политики при Кралскиот колеџ во Лондон, во месецот после инцидентот, руските медиуми РТ и Спутник, финансирани и контролирани од државата, рашириле 138 различни и контрадикторни наративи преку 735 статии.

Русија ја користеше истата техника за преплавување на информацискиот простор со повеќе лажни тврдења и после случувањето на други настани, како што беше рушењето на летот 17 на Малезија ерлајнс, и инвазијата врз, и окупацијата на Грузија од страна на Русија, започнувајќи од 2008 година. Овие тврдења имаа за цел да ја одвратат дискусијата од улогата на Русија во овие настани. Повторно, целта е да се збунат другите и да се манипулира со вистината во согласност со интересите на Кремљ.

 

Извор: Стејт департмент на САД

Ова е архива на старата F2N2. Новата верзија е достапна на: f2n2.mk

Share via
Copy link
Powered by Social Snap