ВАКЦИНИТЕ НЕ СЕ ПРИЧИНА ЗА ПОЈАВА И ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ

Дезинформација бр:

#144

Дата:

07.06.2020

Извор:

kolozeg.info

Време на читање:

5 мин.

ОПИС НА ДЕЗИНФОРМАЦИЈА

Оригинален наслов: ЕУ Планирале “Пасош за Вакцинација” Без Кој Нема Слободно Движење Уште од 2018 Година – Документ на ЕУ!

 

На 07.06.2020 порталот Коложег.инфо пренесе текст во кој се тврди дека: ЕУ и Бил Гејтс, преку домашни политичари и министерот за здравство се залагаат за воведување на задолжителни вакцинирања и пасоши кои ќе бидат поврзани со вакцини. Според нивните тврдења, постои поврзаност меѓу чипирањето, задолжилното вакцинирање, „Настанот 201“ и „пуштањето на коронавирусот“.

Линк до оригиналната статија тука.

РАЗОБЛИЧУВАЊЕ НА ДЕЗИНФОРМАЦИЈА

Објавениот текст е дезинформација, која е надополнета со елементи на теории на заговор.

Во текстот стои дека: „ Насилните вакцинатори за осакатување на човештвото, ЕУ и Бил Гејтс, преку корумпирани домашни политичари и квислинзи како Менгеле вакцинаторот-профитер Филипче или со купување на закони за задолжителна вакцинација во Нигерија, веќе од поодамна планираа не само да ги следат евиденциите за вакцинирање туку и да ги врзат со вашиот пасош, да воведат задолжителни вакцинирања и да ја зголемат „дезинформативната војна“. Но немаа широка подршка и им требаше паника со вештачка пандемија за сами да трчате да се чипирате за нивно богатење и котнрола врз вас а наше осакатување и поробување засекогаш. И види случајност, набрзо после овoј ЕУ документ и симулацијата на Гејтс за коронавирусот со глобален “повик за акција” за вакцинирање, вирусот и ни беше пуштен нам на човештвото. Случајност, да?“

Науката нема сомнежи во врска со ефикасноста на вакцините. Но, постојат групи на интерес кои шират дезинформативен наратив за бенефитите од вакцините.

Вакцините и Бил Гејтс станаа комуникациски предизвик, кој дистрибутерите на дезинформативните наративи го поврзуваат со КОВИД-19, ширејќи го преку социјалните платформи и на одредени портали.

Бил Гејтс и неговата фондација континуирано се користат како дел од теориите на заговор кои се поврзани со вакцините, особено по појавуавњето на КОВИД-19. За теориите на заговор поврзани со Бил Гејтс, истражуваше и тимот на Ф2Н2.

Теориите што лажно го поврзуваат Бил Гејтс со коронавирусот се споменати 1,2 милиони пати на телевизија или на социјалните медиуми помеѓу февруари и април, според истражувањето на „Њујорк тајмс“ и „Зигнал лабс“.

Обвинувањата дека Бил Гејтс ја иницирал појавата на коронавирусот уште од 2018, веќе се познати и детектирани како лажни. Многу проверувачи на факти ја разобличија оваа теориија, меѓу нив и EUVSDISINFO.EU

Комисијата за вакцинација на ЕУ појаснува дека:„ Вакцинацијата спречува околу 2.5 милиони смртни случаи ширум светот секоја година и ги намалува трошоците за лекување специфични болести, вклучувајки ги и антимикробните третмани (пропишани за вирусните инфекции).

Вакцинацијата е главната алатка за примарна превенција на болести и една од најекономичните мерки за јавното здравство на располагање.”

 

Со вакцинација се спасуваат од 1 до 3 милиони животи годишно. Во таа насока, Европската Kомисија ја зајакна својата поддршка на националните напори за зголемување на опфатот на вакцинирање, вклучително и преку Заедничката акција за вакцинација, која е кофинансирана од здравствената програма на ЕУ (3,55 милиони евра). Оваа акција започна токму во посочената година, која се користи за дезинформативен наратив во текстот кој тимот на Ф2Н2 го анализира.

Дезинформацијата за случајот со Нигерија, веќе ја разобличивме претходно.

Во текстот кој го анализираме стои дека „ во октомври 2019 година, се одржа настанот 201 . За оние кои не знаат, настанот 201 беше симулирана пандемиска вежба која се фокусираше на коронавирус со потекло од лилјаци. Тоа беше спонзорирано од Центарот за здравствена безбедност Џон Хопкинс, Светскиот економски форум и Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.Резултатот од симулацијата беше седум клучни предлози. Во ноември 2019 година, овие предлози беа објавени како „повик за акција“. Еден месец подоцна, Кина ги објави првите случаи на Ковид19.“

Настанот 201 не можел да ја предвиди пандемијата на коронавирусот. За што точно се работи? Бил Гејтс направил симулација која го носи насловот „Настан 201“, како план за некоја претстојна пандемија. Фондацијата на Светскиот економски форум и Џон Хопкинс Центарот за Здравје  заедно со фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, на 18.10.2019 година, одржале предавање и мултимедијална презентација за глобална пандемија. На настанот е презентирана симулацијата. Станува збор за една од низата на симулации кои се направени врз основа на претходните пандемии. Симуалцијата е подготвена со цел да се разберат и дефинираат ефикасните реакции, како и да се идентифицираат и препознаат можните недостатоци, за да може светот да биде подготвен за некоја наредна пандемија. Презентираната симулација претставува коронавирус кој се развивал долго кај свињите, за да се појави конечно на фарма во Бразил. Кај заболените се  појавуваат симптоми како кај грип и вирусно воспалување, со поблаги и потешки форми. Ова се поклопува со ситуацијата во Кина каде во 2019 година се појавува новиот коронавирус. Сепак, презентираниот модел не одговора комплетно на актуелниот коронавирус, ниту пак има сличност со начинот на кој вирусот се шири. Оваа дезинфромација беше разобличена од страна на храватскиот проверувач на факти Фактограф.

Вакцинирањето во никој случај не може да биде причината поради која се појави корона вирусот. Ни Бил Гејтс не може да биде прецизен предвидувач на пандемијата со која се соочуваме.

Истражувањето направено од Барометар, открива дека скоро половина од јавноста во ЕУ(48%) сметаат дека вакцините честопати може да предизвикааат сериозни несакани ефекти, 38% сметале дека можат да предизвикаат болести од кои ги штитат, а 31% се убедени дека можат да го ослабнат имунолошкиот систем. Овие бројки се резултат на зголемено ширење на дезинформации за придобивките и ризиците од вакцините преку дигиталните и социјалните медиуми.

Тимот на Ф2Н2 го оценува овој текст како дезинформација и теорија на заговор. Целта на ваквите наративи е да се креира недоверба кон ефикасноста од вакцините во општеството, особено во ситуација кога сите сме исправени пред пандемијата од КОВИД-19, а сите научни напори се насочени кон обидите за пронаоѓање на вакцина или лек кој ќе може ефикасно да го спречи ширењето на коронавирусот.

Leave a Reply

Ова е архива на старата F2N2. Новата верзија е достапна на: f2n2.mk

Share via
Copy link
Powered by Social Snap