ЧЛЕНСТВОТО ВО НАТО ЌЕ НЕ ЧИНИ КОЛКУ ЕДНО КАФЕ ПО ГЛАВА НА ЖИТЕЛ

Дезинформација бр:

#103

Дата:

31.03.2020

Извор:

republika.mk

Време на читање:

6 мин.

ОПИС НА ДЕЗИНФОРМАЦИЈА

Оригинален наслов: Секој жител по сто евра: Членството во НАТО може да не чини и до 200 милиони евра годишно

Насловот и текстот не коренспондираат еден со друг. Во статијата објавена од Република.мк, авторот на текстот наведува дека членството во НАТО нашата земја “ќе ја чини прилично многу”, притоа додавајќи дека “само на име на членарина годишно ќе мора да плаќаме по еден милион долари”. Понатаму, авторот прави одредени пресметки за тоа колку ќе не чини модернизацијата на Армијата по глава на жител, посебно нагласувајќи го достигнувањето на прагот 2% од БДП за одбраната за што наводно “инсистира претседателот на САД, Доналд Трамп”, бидејќи би било особено тешко да се издвојат околу 200 милиони евра за Армијата во услови на криза предизвикана од корона вирусот. Тука, посебно е нагласено дека “ретко која земја ја почитува” одредбата за издвојување на 2% од БДП за одбраната.

На крајот, авторот на текстот наведува дека во НАТО постојат воен и цивилен буџет, и дека Алијансата се финансира од заеднички буџет кој “државите-членки одвојуваат одреден дел од својот буџет за одбрана што се користи директно од Алијансата”.

Порталот преку извртување на фактите врши спин со цел креирање на погрешна слика дека членството во НАТО ќе биде финансиско оптоварување на државата кое негативно ќе влијае во справувањето со корона вирусот.

Линк до архивираниот оригинален натпис може да го најдете овде.

РАЗОБЛИЧУВАЊЕ НА ДЕЗИНФОРМАЦИЈА

Заклучокот/тврдењето содржано во насловот дека членството во НАТО може да не чини и до 200 милиони евра годишно, е лажен и неточен. Тимот на Ф2Н2 и претхоно пишуваше на оваа тема.

Да почнеме со ред. Сите сојузници на НАТО учествуваат во заедничкиот буџет со директни придонеси, утврдени со помош на посебна формула за поделба на трошоците врз основа на висината на износот на бруто националниот приход (БНП). Иако во текстот е наведено дека на име на членарина годишно ќе мора да плаќаме по еден милион долари, според оваа формула, износот на годишната членарина за Република Северна Македонија ќе изнесува од 1.2 до 1.5 милиони евра, односно нашата земја ќе придонесува со 0.0721% од годишниот буџет на НАТО. Средствата од годишната членарина одат во заедничкиот буџет, од кој потоа се врши распределба на средствата за потребите на цивилниот и воениот буџет, како и за Програмата за безбедносни инвестиции на НАТО (NSIP).

Да подвлечеме:

  • Годишната членарина се пресметува со посебна формула врз база на бруто националниот приход (БНП);
  • Годишната членарина спаѓа во делот од буџетот на одбраната;
  • Нашата држава треба да издвојува 2% од бруто домашниот производ (БДП) за потребите на Армијата;

 

Но, што е бруто домашен производ (БДП), а што бруто национален приход (БНП)?

А) БДП го пресметува она што економијата го произведува

GDP = C[onsumption] + I[nvestment] + G[overnment purchases] + X [exports] – M [imports]

 

Б) БНП го мери она што се заработува од продажбата на тоа што го произведува.

GDI = W[ages] + R[ental income] + I[nterest income] + P[rofits]

 

Во минатото, нашата земја неколку пати го достигнуваше прагот од 2% од БДП буџет за одбраната. Во продолжение Хронолошки приказ на буџетот на одбраната од 2002 до 2019 година.

Извор: Инфо центар за евроатлантски интеграции.

 

Како што може да се забележи, во 2002, 2003 и 2005 година буџетот на одбраната изнесувал над 2% од БДП, а во 2007година тој изнесувал 1.91%. Од 2008 до 2017 година буџетот на одбраната бележи драстичен пад, достигнувајќи рекордно ниски 0.93%. За 2020 година, буџетот на одбраната е проектиран на 1.4% од БДП односно 10.133 милјарди денари (164.76 милиони евра). Но, тие пари нема се одлеваат од државата, туку остануваат кај нас.

Но, што се спаѓа во 2% од БДП? Со парите би се инвестирало во подобрување на условите во касарните, модернизација на опремата и механизација во согласност со НАТО стандардите, во опрема за брз одговор и спасување, ќе се инвестира во вежби за подигнување на воената способност (интероператибилност) на војниците за да можат да учествуваат во мисиите на НАТО, зголемување на инвестициите во сајбер безбедноста и друго. Истотака, во одвоените 2% од БДП се пресметани и платите за вработените, опремата и средствата за работа на административно-техничкиот и на воениот персонал, а со дел од парите ќе се модернизира борбената и неборбената опрема на војската, ќе се обезбеди храна за војската и резервни делови. Инвестирањето во опремата има двојна намена, цивилна и воена, и истата опрема може да се користи при хуманитарни и спасувачки акции и операции.

Земјата, без никакви проблеми финансиски издржала и поголеми буџети за одбраната во изминатата деценија. Во 2009 година во услови на светска економска криза бил предвиден буџет од над 2%, но со ребаланс бил намален на 1.64%, процент што сепак е поголем од оној што се одвојува годинава.

 

Не е точно дека Претседателот на САД, Доналд Трамп, инсистира на задолжително исполнување на минималниот праг од 2%. Претседателот Трамп само ја реафирмирше заложбата на сојузниците кон исполнување на оваа обврска дадена во 2006 и 2014 година. На Самитот на НАТО во Велс 2014 година, меѓу другото беше договорено и следново:

  • Сојузниците кои моментално издвојуваат минимум 2% од нивниот бруто домашен производ (БДП) за одбраната да продожат да го прават тоа и понатаму;

 

  • Сојузниците чиј што буџет на одбраната е под ова нив ќе имаат за цел да го достигнат прагот од 2% во рок од една деценија.

Претходно, и поранешниот Претседател на САД Барак Обама, како и поранешниот премиер на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Дејвид Камерон, ги повикаа сојузниците да го зголемат процентот за одбраната.

Не е точно  дека “ретко која земја ја почитува” одредбата за издвојување на 2% од БДП за одбраната. Вкупно 7 земји издвојуваат над 2% од БДП за одбраната, а други 8 се блиску до остварување на тој праг. Но, сите земји-членки на НАТО вклучително и Република Северна Македонија, имаат обврска да го достигнат тој праг до 2024 година. Во продолжение приказ на националните буџети за одбрана на земјите-членки на НАТО изразени во % од БДП.

Извор: НАТО.

 

Напомена, износот на 2% од БДП на САД и Обединетото Кралство не е ист со износот на 2% на Црна Гора и Северна Македонија.

Земјите-членки на НАТО пружаат активна помош на своите сојузници, но и на партнерските земји, во справување со пандемијата предизвикана од коронавирусот. Преку Евроатлантскиот координативен центар за кризни ситуации и сојузниците и партнерските земји доставуваат барања за помош. До сега, вкупно 7 земји имаат доставено барање за хуманитарна помош од НАТО алијансата, 5 земји-членки на НАТО меѓу кои и Република Северна Македонија, и 2 партнерски земји. Деталниот приказ на барањата можете да го најдете тука. На 02 април 2020, и Босна и Херцеговина доставува барање за хуманитарна помош од НАТО. Од јавно достапните информации на НАТО, до сега, сојузниците доставиле повеќекратна хуманитарна и финансиска помош за ШпанијаИталијаЦрна Гора и Светската Здравствена Организација.

Да заклучиме, информациите во оригиналната статија се намерно спинувани на погрешна слика дека членството во НАТО ќе биде финансиско оптоварување на државата кое негативно ќе влијае во справувањето со корона вирусот.

Leave a Reply

Ова е архива на старата F2N2. Новата верзија е достапна на: f2n2.mk

Share via
Copy link
Powered by Social Snap