ФАКТИТЕ НАСПРОТИ ФИКЦИЈАТА: РУСКИТЕ ДЕЗИНФОРМАЦИИ ЗА УКРАИНА

Стејт департментот е свесен за тоа дека неколку воени и разузнавачки ентитети на Русија се вклучени во информациска конфронтација чија цел е Украина. Овие активности вклучуваат ширење дезинформации и пропаганда која се обидува да ги претстави Украина и нејзините државни функционери како агресори во односите Русија-Украина. Ваквите мерки имаат за цел да ги натераат западните држави да веруваат дека однесувањето на Украина може да предизвика глобален судир и да ги убедат граѓаните на Русија за потребата од руска воена интервенција во Украина. Во продолжение следат примери за руските лаги за моменталната криза и причините за истата, како и вистината за овие настани.

ФИКЦИЈА: Украина и украинските државни функционери се агресори во односите Русија-Украина.[i]

ФАКТ: Лажните изјави на режимот на Путин ја обвинуваат жртвата, Украина, за агресијата на Русија. Русија изврши инвазија врз Украина во 2014 година, го окупира Крим, контролира вооружени сили во Донбас, и во моментов има распоредено 100.000 трупи на границата со Украина, а за тоа време претседателот Путин се заканува со „возвратни воено-технички“ мерки доколку не се исполнат неговите барања.

 

ФИКЦИЈА: Западот ја турка Украина во конфликт.[ii]

ФАКТ: Москва ја започна кризата со распоредувањето на повеќе од 100.000 трупи на границата со Украина, без да има соодветна воена активност од украинската страна на границата. Руските воени и разузнавачки ентитети шират дезинформации кои се обидуваат да ги претстават Украина и нејзините државни функционери како агресори во односите Русија-Украина. Руската влада се обидува да го прелаже светот дека однесувањето на Украина може да предизвика глобален судир и да ги убеди граѓаните на Русија за потребата од руска воена интервенција во Украина. Русија обвинува други за нејзината агресија, но одговорноста за мирен завршеток на кризата преку деескалација и дипломатија лежи кај Москва. Русија изврши инвазија врз Украина во 2014, го окупира Крим, и продолжува да го разгорува конфликтот во Источна Украина. Ова го следи шаблонот на однесувањето на Русија преку поткопување на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите од регионот – инвазија и окупирање на делови од Грузија во 2008, како и непочитување на заложбата од 1999 година дека ќе ги повлече своите трупи и оружје од Молдавија, каде тие сè уште се стационирани без дозвола на грузиската влада.

 

ФИКЦИЈА: Распоредувањето на борбени сили од страна на Русија е само прераспоредување на трупите на нејзината територија.[iii]

ФАКТ: Распоредувањето на повеќе од 100.000 руски трупи, вклучувајќи искусни борбени сили и офанзивно оружје без соодветно и едноставно објаснување, на границата со држава која Русија веќе ја нападнала и чии делови сè уште окупира, не е само обично прераспоредување на трупи. Тоа е јасна, повторена закана на Русија кон суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Распоредувањето на трупите е следено од активни мерки за дезинформирање чија цел е да ја поткопаат довербата во украинската влада и да креираат причина за дополнителна интервенција од Русија.

 

ФИКЦИЈА: САД планираат напади со хемиско оружје во Донбас.[iv]

ФАКТ: САД и Русија се членки на Конвенцијата за хемиско оружје. Во согласност со нејзините обврски кои произлегуваат од конвенцијата, САД не користат хемиско оружје. Од друга страна, во последните неколку години, руската влада во два наврати користела хемиско оружје за напад и обид за атентат врз своите противници, вклучувајќи и на туѓа територија. Наместо да го разгорува конфликтот во Источна Украина, како што тоа го прави Русија, од 2014 година па наваму, САД обезбеди повеќе од 351 милион долари хуманитарна помош за настраданите од агресијата на Москва. Русија користи изјави од високи функционери, како и дезинформациски и пропагандни медиуми со цел намерно да шири целосни лаги за да креира причина за воена интервенција.

 

ФИКЦИЈА: Русија ги брани етничките Руси во Украина.[v]

ФАКТ: Не постојат веродостојни извештаи дека етнички Руси или лица кои зборуваат руски јазик се под закана од украинската влада. Од друга страна, постојат веродостојни извештаи дека во Крим и Донбас, територии окупирани од Русија, Украинците се соочуваат со потиснување на нивната култура и национален идентитет и живеат во околина на сериозна репресија и страв. Во Крим, Русија ги тера Украинците да земат руско државјанство или да го изгубат својот имот, пристапот до здравство, или нивните работни места. Оние кои мирно се спротивставуваат на руската окупација или контрола се соочуваат со затворања поради неосновани причини, полициски претреси на нивните домови, официјално аминувана дискриминација, а во некои случаи и тортура и други злоупотреби. Религиозните и етничките малцинства се под истрага или судени како „екстремисти“ и „терористи.“

 

ФИКЦИЈА: НАТО кова заговор против Русија уште од завршувањето на Студената војна, ја опколи Русија со свои сили, ги прекрши наводните ветувања да не се проширува, и преку евентуалното членство на Украина во Алијансата ја загрозува безбедноста на Русија.[vi]

ФАКТ: НАТО е одбранбена алијанса, чија цел е да ги штити своите земји-членки. На самитот во Брисел во јуни 2021, сите сојузници повторно потврдија дека „Алијансата не сака конфронтација и не е закана за Русија.“ Впрочем, во 2002 година токму претседателот Путин изјави дека „секоја земја има право да го избере начинот на кој ќе ја осигури својата безбедност. Ова се однесува и на балтичките држави. Второ и поспецифично, НАТО првенствено е одбранбен блок.“

НАТО не ја опколува Русија – копнената граница на Русија е долга повеќе од 20.000 километри. Од неа, помалку од една шеснаесеттина (1.215 километри) е заедничка граница со членки на НАТО. Русија копнено се граничи со 14 држави. Само пет од нив се членки на НАТО.

Во 2016 година, како одговор на употребата на воена сила од страна на Русија против нејзините соседи, НАТО распореди четири мултинационални борбени групи во балтичките земји и во Полска. Овие сили се ротациски, одбранбени, соодветни, и се распоредени по барање на земјите-домаќини. Пред илегалната окупација на Крим од страна на Русија, не постоеја планови за распоредување на трупи на Алијансата на истокот.

НАТО никогаш не ветил дека нема да прима нови членки. Проширувањето на НАТО не е насочено кон Русија. Секоја суверена нација има право да одлучува за својата безбедност и да стапува во одбранбени регионални алијанси за целите на самоодбрана. Ова претставува базичен принцип на европската безбедност кој е рефлектиран во повелбата на ОН, и кој е афирмиран од Русија во многу меѓународни и регионални инструменти, како што е на пример Завршниот акт од Хелсинки.

Мапа на границите на НАТО со Русија. Приказот на границите може да не е целосно точен.

ФИКЦИЈА: Западот ја отфрла дипломатијата и веднаш оди на санкции.[vii]

ФАКТ: САД и нашите партнери се вклучени во интензивна дипломатија за разрешување на кризата, вклучувајќи и директна комуникација со руската влада. Претседателот Бајден во два наврати зборуваше со претседателот Путин, а американски функционери имаа десетици средби и телефонски разговори на високо ниво со руски и европски колеги, како дел од сеопфатниот дипломатски напор оваа ситуација да се разреши по мирен пат. Останува да се види дали Русија има волја да ги исполни своите обврски како членка на глобалната заедница и да преземе чекори за деескалација на кризата која ја предизвика. Исто така, јасно дадовме до знаење, како јавно така и во директна комуникација, дека доколку претседателот Путин изврши дополнителна инвазија врз Украина, ние и нашите партнери ќе воведеме брзи и сериозни економски санкции врз руската економија.

 

[i] „Сега ни велат, војна, војна, војна. Се чини дека [Украинците] се подготвуваат за уште една операција [во Донбас] и не предупредуваат да не им застанеме на патот, инаку ќе има санкции.“ – претседателот Путин

https://web.archive.org/web/20220110200851/https://www.msn.com/en-gb/news/world/russian-mercenaries-deploy-into-eastern-ukraine-sources-claim/ar-AAS5OBj?hss_channel=fbp-44821210086

[ii] „Ние треба да ја имаме предвид нашата безбедност, не само за денес и не само за следната недела, туку на краток рок. Како Русија може да живее со сето ова? Дали секогаш треба стоиме на стража и да гледаме што се случува таму и кога може да дојде до напад? Но, што значи ако завршиме во конфликтот за кој прашувате? Ова не е наш избор и ние не го сакаме ова.“ – претседателот Путин

https://web.archive.org/web/20211230075113/http://en.kremlin.ru/events/president/transcripts/67438

[iii] „Ние самите ќе одлучиме што ќе правиме на наша територија.“ – рускиот заменик-министер за надворешни работи, Рјабков

https://archive.is/8q8NK#selection-3851.30-3851.69

[iv] „Идентификувавме присуство на повеќе од 120 припадници на платенички групи на САД во градовите Авдиивка и Красни Лиман со цел да прават провокации… Тенокви полни со неидентификувани хемиски елементи беа испратени во градовите Авдеевка и Красни Лиман за да прават провокации.“ – рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу

https://web.archive.org/web/20211225083153/https://www.themoscowtimes.com/2021/12/21/us-mercenaries-preparing-donbass-provocation-russian-defense-chief-a75892

[v] „Гледаме и знаеме што се случува во Донбас. Во секој случај изгледа дека е геноцид.“ – претседателот Путин

https://web.archive.org/web/20220108143615/https://www.bbc.com/news/world-europe-59599066

[vi] „…сето ова се случува во позадина на активното воено ‘проширување’ на НАТО на територијата на Украина, што претставува директна закана за безбедноста на Русија.“ – Кремљ

https://web.archive.org/web/20220110013538/https://www.jpost.com/international/putin-tells-uks-johnson-nato-members-are-threatening-russia-from-ukraine-688642

[vii] „[Воведувањето санкции од страна на САД] ќе биде грешка која нашите претходници би ја сметале за сериозна грешка. Многу грешки се направија за последните 30 години, и ќе биде подобро за нас да избегнуваме такви грешки во оваа ситуација.“ – советник за надворешни работи на претседателот, Јури Ушаков

https://web.archive.org/web/20220108121328/https://www.voanews.com/a/biden-affirms-sanctions-threat-putin-says-that-would-be-colossal-mistake-/6376182.html

 

Изввор: state.gov

Ова е архива на старата F2N2. Новата верзија е достапна на: f2n2.mk

Share via
Copy link
Powered by Social Snap