РУСКИТЕ ОПЕРАЦИИ И ДЕЗИНФОРМАЦИИ НА РУСКИТЕ ХИБРИДНИ СИЛИ ЗА “ИТНА ЕВАКУАЦИЈА“ НА НАСЕЛЕНИЕТО ОД ДОНБАС

Руските операции и дезинформации кои треба да обезбедат изговор за понатамошна агресија врз Украина се интензивираат.

На 17-ти февруари руските хибридни сили ги гранатираа украинските безбедносни сили, што им послужи на руските медиуми контролирани од Кремљ да пласираат дезинформации дека Украина е “виновна“ за ескалацијата на ситуацијата на линијата на поделба на територијата на Украина.

Повикувајќи се на “ескалацијата на ситуацијата“, на 18-ти февруари, лидерите на т.н. самопрограсени Народна Република Доњецк (DPR) и Народна Република Луганск (LPR) на своите канали на Телеграм објавија видеа од “итна масовна евакуација“ на цивилното население од областите кои се под контрола на руските хибридни или окупаторски сили. Дополнително, руските окупаторски сили го обвинија Киев за планирање на инвазија врз територијата контролирана од нив.

Извадок од видео обраќањето на лидерот на LPR Леонид Пасечник

На едно од видеата на кое се обраќа лидерот на LPR Леонид Пасечник, може да се слушне следнава изјава: “Со цел да спречиме загуби меѓу цивилното население, ги повикувам жителите на републиките кои не подлежат на наредбите за евакуација, како и оние кои не се дел од критичната инфраструктура, што поскоро да заминат…во Руската Федерација“.

Речиси истовремено, лидерот на DPR, Денис Пушилин, исто така се обрати до жителите, лажно тврдејќи дека: “Денес нивните пушки се свртени кон цивилите, кон нас и кон нашите деца“. Во продолжението, Пушилин истакнува: “Поради тоа, од денес, 18-ти февруари се организира масовна централизирана евакуација на населението во Руската Федерација“.

Но, анализата на мета-податоците (metadata) од самите видеа покажува дека видеата се снимени на 16-ти февруари. Истражувачите кои користат OSINT, меѓу кои и Bellingcat, ја потврдија веродостојноста на мета-податоците.

Лево: извадок од видеото на Денис Пушилин лидерот на DPR; Десно: мета-податоците од видео снимката

Ова укажува дека т.н. „итна масовна евакуација“ на цивилното население била однапред планирана. Ова е само уште една од низата операции на ‘лажно знаме’, односно операции кои треба да обезбедат изговор за Русија да може да ја продолжи инвазијата врз Украина.

Според тоа, оваа т.н. „итна масовна евакуација“ е всушност присилна евакуација на жителите во тој регион од страна на руските хибридни сили.

Руските окупаторски сили прогласиле “кризна состојба“ во 6 гранични региони со Русија. Податоците укажуваат дека во групата на првично евакуираните била и група на сираци кои всушност и немале можност за избор. Меѓу населението кое е транспортирано во Русија има и многу деца, кои поминале речиси 2 дена во автобусите без храна и без сон. На овој начин тие фактички биле присилно депортирани во Русија. Како поддршка на оваа операција на руските хибридни сили, рускиот претседател Путин изјави дека секој “бегалец“ ќе добие 10.000 рубљи или 130$. Во исто време, повеќе од 100 станови на луѓето кои биле транспортирани биле ограбени. На руската страна од границата, ситуацијата била исто така многу лоша во т.н. “привремени центри за сместување на бегалците“. Дополнително, двајцата лидери потпишале декрет за мобилизација на сите мажи на возраст од 18 до 55 години кои живеат на окупираната територија.

Очигледна е намерата на Кремљ преку ваквата планирана и спороведена „евакуација“ да создаде вештачка хуманитарна криза во Донбас.

Истото сценарио беше употребено и кога Русија ја нападна Грузија во 2008 година.

 

Автор: Росана Алексоска

Ова е архива на старата F2N2. Новата верзија е достапна на: f2n2.mk

Share via
Copy link
Powered by Social Snap